Дипломатија

Русија протера македонски дипломат

10.06.2021 15:33

Русија протера македонски дипломат, еден од двајцата вработени во Mакедонската амбасада во Mосква. Го прогласи за „персона нон грата“. Возврати рецопрочно на одлуката на Скопје од пред еден месец. Неоснован потег, политичка одмазда што ќе влијае на односите- став на македонското МНР...

Еден месец по протерувањето на рускиот дипломат од Скопје, официјална Москва одговори со реципрочна мерка. В.д. амбасадорката во македонската амбасада, Оливера Чаушевска-Димовска е повикана во тамошното Министерство за надворешни работи, каде што ѝ била врачена нота за прогласување на наш дипломат - аташе во амбасадата за непожелна личност. 

„Оваа мерка е одговор на немотивираната одлука на македонската држава за прогласување на дипломат од амбасата на Русија во Скопје за персона нон грата“, сооштија од руското МНР.

Се огласи и Македонското министерство за надворешни работи. Оттаму потврдуваат дека амбасадорката била повикана во руското министерство за надворешни и оти и е врачена нота.

„Министерството за надворешни работи искажува жалење за овој неоснован потег на руската страна, кој претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка освета, и која со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји“, соопшти Министерството за надворешни работи.

Потегот на Москва доаѓа откако нашето министерство на 18-ти мај соопшти дека согласно со членот 9 од Виенската конвенција е одлучено руски дипломат од амбасадата да биде прогласен за непожелна личност, откако неговите активности и однесување не биле на нивото кое се очекува од странски дипломат во земјата-домаќин. Тогаш, претседателот Пендаровски  рече дека случајот бил документиран од надлежните институции. Македонија долго време е без амбасадор во Москва, состојба која трае од 2019-та година, кога си замина Гоце Карајанов. За иден амбасадор во Москва беше именуван Ненад Колев, кој сѐ уште не е заминат.

 

Игор Панов