Штитовите од Бонче се враќаат во Прилеп
Едно епохално археолошко откритие од локалитетот Бонче кај Прилеп остана на маргините на интересирањето кај дел од стручките работници. Станува збор за кралските штитови со сонцето на Вергина, кои по конзервацијата во Охрид, нереконструирани ќе му бидат вратени на прилепскиот музеј...

Штитовите од Бонче, стари над 2.300 години конечно после цели 6 години ќе се вратат во музејот во Прилеп. Тие досега беа на конзервација во Конзеваторскиот центар во Охрид. Штитовите потекнуваат од македонскиот крал Деметриј 1, а случајно ги пронајде археологот Душко Темелкоски во 2007 година, кај локални жители од селото. Станува збор за еден од најуникатните наоди во македонската археологија.
„И бидејќи на нив е испишано име на крал сигурно не се штитови на обичен војник туку припаѓале на некој војник од повисок ранг, офицер, и затоа најверојатно тие се парадни штитови. На нив е претставено и сонцето како симбол на античкото мнакедонско кралство, сонцето од Кутлеш или Вергина“, вели археологот Душко Темелкоски.
Тогаш според најавите на институциите парчињата од 3-те штитови требаше да бидат конзервирани и поставени на дрвена основа, за да можат да бидат изложени во музеите во Прилеп и Скопје, но за жал штитовите не се реконструираа. Дека е завршена конзервацијата не беа запознати ниту во музејот во Прилеп, ниту пак што точно ќе се случува понатаму.
„Оставам простор да се реализира еден договор и координација помеѓу Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство што понатаму ќе се случува. Ние овде не можеме да извршиме реконструкција“, изјави Гордана Данилоска Спироска, директор на Завод и музеј Прилеп.
Но, сепак останува отворено прашањето, зошто еден ваков екстра ексклузивен наод, остана нереконструиран и на еден начин маргинилизиран цели 6 години, од страна на институции кои се занимаваат со оваа проблематика. Наод кој е стар 2.300 години и кој јасно го докажува нашиот национален идентите и корени како Македонци во антиката.
На ова одговор нема ниту една институција кај нас, ниту пак експертите. Ниту новиот директор на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ, кој и директно беше поврзан со пронаоѓањето на штитовите, не знае зошто неговите претходници не го реконструирале ова епохално откритие. Според Лилчиќ штитовите ќе се вратат во музејот во Прилеп, а потоа ќе се одлучувало дали тие ќе се реконструираат кај нас, или пак можеби во странство.
Дарко Штаргоски
