Работна посета на Париз

Макрон: Заслужувате почеток на преговори без одложување

10.06.2021 21:53

Вашата земја заслужува да ги почне преговорите веднаш, без одложување. Ова на премиерот Заев му го рече претседателот на Франција, Емануел Макрон, со кого имаше работна вечера. Заев од Париз со очекување дабиде движечка сила на процесот на проширување...

Вашата земја заслужува да ги почне преговорите без одложување, му порача вечерва францускиот претседател Емануел Макрон на премиерот Зоран Заев за време на заедничката изјава пред Елисејската палата во Париз.

Време е да се конкретизира ова одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите, додаде Макрон.

Премиерот Заев му се заблагодари на Макрон, во име на Владата и граѓаните на Северна Македонија за поддршката, посочувајќи дека денешната средба ги збогатува пријателските врски меѓу двете земји, во годината кога одбележуваме 28 години од воспоставените дипломатски односи со Франција.

Посебно место во развојот на македонско-француското пријателство има и претседателот Макрон, со неговата јавна поддршка за Договорот од Преспа. Пред нас е самитот на Европскиот совет во јуни и тој е вистинска можност за чекор напред и решение за отргнување на блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решение, истакна Заев.

Во состав на владината делегација што престојува во Париз, покрај Заев, се и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.