Бајден во историска посета на Европа
Американскиот претседател Бајден во прва посета на Европа по неговиот избор. Првенствена задача враќање на улогата на стариот континент на американската надворешна политика. Швајцарија се подготвува за состанокот Бајден- Путин на 16-ти јуни...

Во Велика Британија, Самит на групата седум најразвиени земји. Присуствува и американскиот претседател Бајден, кој е во посета на Велика Британија. Самитот на Г7 ќе трае до 13-ти јуни. На 14-ти во Брисел, пак, Самит на НАТО. На првата негова средба со американскиот претседател Бајден, Џонсон рече дека сојузот меѓу САД и Велика Британија е „неуништлив“.
„Не мислам дека е претерано да се каже дека односот помеѓу Велика Британија и САД е врската меѓу Северна Америка и Европа, која е инкарнирана во Атлантската повелба од 1941 година, и која ја обновивме денес со претседателот Бајден, е од масовно стратешко значење за просперитетот, безбедноста на светот. За сите работи во кои веруваме - демократијата, човековите права, владеење на правото- САД и Велика Британија заеднички се залагаат за тие работи“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.
Бајден е првиот американски претседател по Џими Картер кој ја избра Европа за прва странска турнеја.
Главни теми на самитот се пандемијата и климатските промени. Пред состанокот, Џонсон вети дека Велика Британија ќе донира повеќе од 100 милиони вакцини на посиромашните земји во текот на следната година, а Бајден вети половина милијарда дози вакцини Фајзер за 92 земји со ниски и средни примања и на Африканската унија.
Британскиот премиер очекува групата Г7 да донира милијарда дози вакцини против Ковид-19 на посиромашните земји за време на самитот. Веќе ги повика лидерите да се посветат на вакцинирање на целиот свет до крајот на 2022 година. Задачата на американскиот претседател, пак, покрај средбите со европските лидери, е и тешката дипломатска мисија да ја поврати централноста на Европа во новата агенда на американската надворешна политика. Со учество на Г7 самитот во Корнвол, Бајден ќе се обиде да ја валоризира улогата на најголемите демократии во насока на економско заздравување базирано на одржливост, во соочување со климатските промени, во борбата со пандемиите и околу оданочување на мултинационалните компании.
Марина Ристова
