Кочанчани не се откажуваат од блокирање на изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река
Нема да дозволиме да се гради мини хидроцентрала на Мала Река кај браната Градче, одлучни се екологистите во Кочани, кои имаат поддршка и од граѓаните и од локалната власт. Доколку инвеститорот почне со градење, најавуваат блокада на пристапниот пат, а наскоро за ова прашање ќе има и референдум во Кочани.

Невладиниот сектор и жителите на Кочани не се откажуваат од блокирање на изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река кај браната Градче. Според обвинителството нема законска пречка за изградба на оваа брана. Но, еколошките здруженија најавуваат референдум за ова прашање и блокада на пристапниот пат.
Штетите кои малите хидроцентрали ги прават на биодиверзитетот се големи, а економски корист нема, вели Маја Морачанин. За десет години 80 милиони евра од сметките за струја отишле за субвенционирање на малите хидроцентрали, а нивното учество во вкупното производство на електрична енергија е под четири насто.
Таму каде реакциите на граѓаните и екологистите се аргументирани, посебно кога се работи за градби во заштитени подрачја, ќе има повлекување на концесиите и раскинување на договорите за градба – ова е ставот на премиерот Зоран Заев. Таму каде што ќе се гради, ќе се почитуваат европските прописи.
Славица Величковска
