Здравство

Препорака за укинување на полицискиот час

14.06.2021 12:04

Од среда, укинување на полицискиот час, дозволени свадби на отворено, но не повеќе од илјада гости. Главниот координативен штаб ги прифати препораките од Комисијата за заштита од заразни болести. Последната одлука ја има Владата...

Полицискиот час се укинува, а на настаните на отворено ќе можат да присуствуваат до 1.000 луѓе со искористување на просторот до 50 проценти. Па така и на свадбените веселби на летните тераси, ќе може да се поканат повеќе од 100 гости- Главниот координативен кризен штаб ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести, со образложение дека епидемиолошката состојба дозволува олабавување на рестриктивните мерки.

Предлогот е олабавувањето на рестриктивните мерки да важат од среда. Конечниот збор го има Владата.

Здравствените власти значително ги олеснија рестриктивните мерки откако во земјава се задржа неколку неделниот тренд на намалување на бројот на заразени и хоспитализирани поради компликации од коронавирусот.

Во текот на денот се очекува да пристигнат нови количини од вакцините на „Фајзер“, а неделава и најавените е 500 илјади дози од кинески „Синовак“.

Во земјава вакцина против коронавирусот примиле 450 илјади граѓани, а ревакцинирани се над 180 илјади.

 

Андријана Атанасовска