Челниците на Европскиот совет и Европската комисија на средба со Бајден
Челниците на Европскиот совет и Европската комисија на средба со американскиот претседател Џо Бајден. Во фокусот пандемијата со Ковид-19, климата, трговијата и надворешните работи. Во европската агенда на Бајден и натаму доминира утрешната средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Самит на лидерите на ЕУ и САД во Брисел. Челниците на Европскиот совет и Европската комисија Шарл Мишел и Урсула Фон дер Лајен, на средба со американскиот претседател Џо Бајден посветена на серија прашања од заеднички интерес, вклучувајќи за пандемијата со ковид-19, климата, трговијата и надворешните работи.
Во европската агенда на Бајден и натаму доминира утрешната средба со рускиот претседател Владимир Путин. Двајцата лидери со резервиран оптимизам околу исходот на самитот во Женева.
„Ќе бидам јасен со претседателот Путин дека постојат области каде може да соработуваме доколку се согласи. Ако не сака и се однесува како претходно со кибернетичката безбедност и некои други активности, тогаш ние ќе реагираме. Во сферите каде имаме несогласувања, ќе ги потенцирам црвените линии. Го запознав, тој е бистар, силен, и заклучив дека е, како што би рекле спортистите- достоен противник“, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.
Според Путин, предвидливоста и стабилноста се најважните вредности во меѓународните прашања.
„Во последниве години, билатералните односи се влошија до најниско можно ниво. Постојат прашања за кои е потребна размена на мислењата, идентификување и на заедничките ставови за да се справиме со прашањата од заеднички интерес на ефикасен начин. Тоа не е нешто необично. И покрај острата реторика, ние очекувавме вакви сугестии бидејќи внатрешнополитичката агенда на САД го оневозможи подобрувањето на односот на прифатливо ниво. Овој состанок ќе мораше да се случи во одреден момент“, рече претседателот на Русија, Владимир Путин.
Покрај Русија, западните земји го вртат вниманието и кон Кина која според НАТО прерасна во воена закана. Официјален Пекинг го обвини Северноатлантскиот воен сојуз за ширење на разни теории, нагласувајќи дека земјата се обидува да ја засили својата одбрана од потенцијалните непријатели.
Маја С. Филдишев
