МАНУ

Научен собир посветен на Мисирков

15.06.2021 13:21

Македонската академија на науките и уметностите организираше научен собир посветен на Крсте Петков Мисирков. Учесниците се осврнаа на делото на Мисирков и неговото значење за македонската историја и култура. Промовирани и две изданија…

„Геополитичката карта на светот денес е потполно различна од времето кога живеел Мисирков. За жал, денеска сме соочени со непринципиелни уцени, закани и ненаучни аргументи, со бесмислено тврдење дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени, со апсурдното барање да се дефинираме онака како што тоа го бара една соседна земја“, рече претседателот на МАНУ, академик Коцарев на научна трибина посвета на великанот.

„Македонија се надевам нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тие имаат словенски карактер, но не бугарски. Геополитичките игри во некои можни сценарија за жал може да предизвикаат штетни последици и за Македонија и за Бугарија. За тоа треба да бидат свесни и македонските и бугарските политичари“, нагласи претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.

Според академик Ќулавкова, македонската културна историја, иницирана и конципирана на преминот на 19 во 20 век врз релевантни европски научни параметри и денес е исправена пред старите предизвици, за коишто Мисирков се надевал дека ќе се разрешат точно пред едно столетие.

„Затоа современите културни студии колку и да се проширени во својот тематски опсег, колку и да се транскултурни, колку и да го маргинализираат почетниот модел на културна историја не би требало да се претворат во анационален дискурс, ако не заради нешто друго, а затоа што општата балканска и европска општествена констелација е драматично маркирана токму од национални па и националистички концепти. Изложеноста на Македонија на повеќедецениски ултиматуми во процесот на евроинтеграцијата поради идентитетските спорови е доказ за виталноста на хегемонизмот и за комплементарноста на балканските културни политички претензии“, образложи академик Ќулавкова.

Македонската академија на науките и уметностите организираше научен собир посветен на Крсте Петков Мисирков. Учесниците се осврнаа на делото на Мисирков и неговото значење за македонската историја и култура. Промовирани и две изданија. Свечено откриена и скулптура на Мисирков, дело на академик Боро Митриќески.

Ана Јосифоска-Тодоровска