Бесплатна патарина за српските туристи
На граничниот премин Табановце почна делењето на бесплатни картички за патарина на српските туристи. Оваа владина одлука е наменета за туристите од Србија кои транзитираат низ Коридор 10 на пат кон Грција. Целта е да се изрази благодарност до Србија, која прва донираше, но и обезбеди бесплатно вакцинирање на нашите државјани. За оваа намена од буџетот ќе се одвојат 2,8 милиони евра...

Српските државјани од денеска на граничниот премин Табановце добиваат бесплатна картичка за патарина. М- смарт картичката е наменета за туристите кои транзитираат низ Коридор 10 на пат кон Грција. На секоја од картичките има 760 денари, колку што чинат патарините во двата правца. Србите кои денеска поминуваа патарина за Македонската телевизија истакнаа дека се задоволни од одлуката, да се ослободат од плаќање патарина.
„Добивме картичка, многу сме задоволни што направивте добар гест за нас Србите кои патуваме, ја обожаваме Македонија, сега уште повеќе“, вели еден српски државјанин.
„Ја добивме картичката, ни објаснија, навистина убав гест“, дополнува друг.
„Нѐ прашаа каде одиме, одговоривме и дали сме задоволни што ни овозможија да не плаќаме патарини“, посочи трет.
Но, имаше и такви што не ја разбрале можноста за користење, па негодуваа.
„Не можам да разберам ветувате дека нема да плаќаме патарина. На Табановце не прашаа каде одиме, јас реков за Гевгелија, а утре за Грција и не добивме картичка“, истакна еден Србин.
Од вкупно планираните 200 илјади картички, во првата количина Јавното претпријатие за државни патишта изработи 65.000, кои веќе ги делат припадниците на Министерството за внатрешни работи на граничниот премин Табановце. За оваа намена од државниот буџет се планирани 2,8 милиони евра.
Одлуката за бесплатни патарини за српски државјани ќе трае до 15-ти август. Целта е да се изрази благодарност до Република Србија, која прва донираше, но и обезбеди бесплатно вакцинирање за нашите државјани.
Картичките остануваат во трајна сопственост на српските граѓани, кои можат да ги надполнат, со не помалку од 300 денари, при следен влез во државата.
Елена Георгиевска
