Наместо карго аеродром- реализација на инфраструктурни проекти
Водоводи, локални патишта, детски градинки, основни училишта – наместо карго аеродром во Штип, со парите од концесијата почнува реализација на инфраструктурни проекти...

Започнува реализацијата од првата фаза на инфраструктурните проекти овозможена со пренамената на средствата од концесискиот договор со турската компанија ТАВ, кои првично беа превидени за изградба на карго аеродром во Штип.
„Во рок од 3 години, 35 милиони евра ќе бидат пренаменети за вкупно 99 општествени проекти, додека 14,7 милиони евра за инвестиции во аеродромите наместо изградбата на карго аеродромот“, изјави Сани Шенер- главен и извршен директор на ТАВ Аеродроми.
Првите договори за инфраструктурни проекти на 23 општини се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, локални патишта, детски градинки, училишта, резервоари за водоснабдување. Вредноста на проектите од првата фаза изнесува 9,9 милиони евра, а до крајот на јули ќе бидат потпишани и договорите со останатите општини опфатени со втората и третата фаза.
Одговарајќи на новинарско прашање министерот за транспорт Бочварски најави дека со ребалансот на буџетот за првпат ќе бидат зголемени стредствата за капитални инвестиции, додека големи износи се предвидени за реализација на пругата кон Бугарија. Завршени се тендерските постапки за 60 километри локални улици и патишта од проектот преку Светска банка, а веќе се подготвува и третиот досега најобемен тендер, рече Бочварски.
„Имаме оставени големи средства за Коридорот 8, пругата кон Бугарија. Таму е во тек тендерската постапка за прва и за втора фаза. Очекуваме до крајот на оваа година да избереме изведувач како држава и доколку успееме да го уплатиме и авансот за реализација на оваа крупна инвестиција ќе биде успех“, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Од први јули годинава започнува мекото прилагодување кон најавената либерализација на пазарот на електрична енергија за домаќинствата преку намалување на ДДВ-то од 18 на 5 насто, најави премиерот Заев.
Од јули 2022-ра ДДВ-то за струја ќе се зголеми на 10%, додека од јули 2023-та стапката ќе се врати на 18%. Практично преку воведеување на еколошката такса од 3,5 денари за литар гориво, Владата очекува годишно да бидат обезбедени 54,8 милиони евра кои ќе бидат директно насочени во Фондот за инвестиции во одржливи извори на енергија.
Свето Николовски
