Евроинтеграции

Заев без оптимизам за решение до 22-ри јуни

15.06.2021 14:51

Ден од посетата во Брисел и одржаната средба со бугарскиот претседател Радев, во пресрет на Европскиот самит, шефот на македонската влада вели-„имам чувство дека на 22-ри јуни нема да се реши проблемот, но не е невозможно“. Премиерот неделава ќе има нови разговори со властите во Софија. На маса е португалскиот предлог за кој нашата страна тврди дека е креативен и дава можност да се стигне до решение…

„Имам чувство дека до 22-ри јуни нема да се реши проблемот, но не е невозможно“, изјави премиерот Заев. Само ден од посетата во Брисел и одржаната средба со бугарскиот претседател Радев, во пресрет на европскиот самит, шефот на македонската влада ги соопшти очекувањата за можностите за одржување на првата Меѓувладина конференција, за што е потребно подигнување на рампата од Софија.

„Многу важен беше состанокот со претседателот Радев. Продолживме во детали да разговараме. Имам чувство на 22-ри јуни нема да се реши проблемот со Бугарија, но не е невозможно да се реши. Да не ги кревам високо очекувањата на сите. Наша должност е да направиме сè. Не е зијан ако направиме успех“, рече Заев.

Премиерот неделава ќе има нови разговори со властите во Софија. На маса е португалскиот предлог за кој нашата страна тврди дека е креативен и дава можност да се стигне до решение.

„Значајно е дека и ние и Бугарија немаме прашања за македонскиот јазик и идентитет. Зборуваме за динамика на сите детали од секторската соработка во делот на рамката или патната карта, за интензитетот на историската комисија“, додаде Заев.

По средбата со Заев, од кабинетот на бугарскиот претседател информираа дека на неа била изразена заедничка волја за постигнување одржливи и неповратни резултати во градењето добрососедски односи меѓу двете земји, дека Софија ја поддржува европската перспектива на земјава, но оти процесот треба да биде олеснет од директен и активен политички дијалог за решавање на отворените прашања.

Македонскиот премиер Заев, за време на Самитот на НАТО разговараше и со американскиот претседател Бајден за стратешкото партнерство меѓу двете земји. „Имав можност да поканам американски компании да инвестираат во Северна Македонија, најважно беше да го поканиме Бајден да ја посети Северна Македонија“, изјави Заев.

Марина Стојанова-Тонева