Имунизацијата се одвива со забавено темпо
Откако понеделников стигнаа вакцини од „Фајзер“, денеска стаса и ветената донација од Грција. Јужниот сосед ни даде 20 илјади дози од „АстраЗенека“. Имунизацијата се одвива со значително забавено темпо. Тоа го покажуваат и податоците на Министерството за здравство. Вчера се вакцинирани едвај 5 илјади луѓе...

Метежот пред салата „Борис Трајковски“ веќе неколку недели е минато. Во салата има триесетина пацинети. Дел од нив чекаат да бидат вакцинирани, а дел веќе вакцинирани чекаат да поминат петнаесетина минути, па да си заминат дома.
Ваквата слика ја потврдуваат и бројките од Министерството за здравство. Во понеделникот биле вакцинирани едвај 5 илјади луѓе. Само 3.222 граѓани примиле прва доза.
Досега во земјава се аплицирани 452 илјади вакцини. Две дози примиле околу 193 илјади граѓани. Според последните бројки, 48 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, а околу 40 насто се движи покриеноста кај луѓето на 60 и 65 години.
Од почетокот на неделава пристигнаа дел од најавените пратки. Во понеделникот добивме речиси 13 илјади дози од „Фајзер“, а денеска уште 20 илјади „АстраЗенека“, донација од Грција. Сѐ уште се чека големата кинеска пратка од „Синовак“, од половина милион дози.
Наташа Јанчиќ Менковски
