Ограбени четири цркви во ресенско

24.03.2014 13:09

Освен пари, крадците украле и два сребрени крста...

Четири цркви во околината на Ресен се ограбени изминатиот викенд, соопшти Министерството за внатрешни работи. Освен пари, крадците украле и два сребрени крста.

Според информациите од Министерството, викендов била ограбена црквата „Свети Никола“ во ресенското село Сопотско. Крадецот со употреба на подесен алат и физичка сила извршил тешка кражба од каде одзел околу 900 денари и метален крст.

Исто така ограбена е и црквата  „Света Богородица“ во ресенското село Крани. Крадецот со погоден предмет ја отворил вратата и украл сребрен крст кој тежел околу 400 грама и околу 2.700 денари.

Во последниве два дена арамија украл 500 денари од црквата „Свети Никола“ во селото Лева Река, а 200 денари се украдено од црквата „Свети Ѓорѓија“ во селото Кривени.

Полицијата извршила увид на сите четири кражби и работи на откривање на сторителите.