Македонија

Олабавени ковид- мерки, нема полициски час

16.06.2021 10:04

Од денеска целосно се укина полицискиот час, угостителските објекти нема да имаат ограничување во работното време, свадбите ќе може да се организираат со повеќе од 100 гости, а дозволени се настани, концерти и забави во клубовите и локали само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1.000 лица...

Од денеска целосно се укина полицискиот час, угостителските објекти нема да имаат ограничување во работното време, свадбите ќе може да се организираат со повеќе од 100 гости, а дозволени се настани, концерти и забави во клубовите и локали само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1.000 лица.

Ова се мерките што ги препорача Комисијата за заразни болести, а вчера на седница ги прифати Владата и стапија на сила од ноќеска на полноќ.

Последната статистика од вчерашното деноноќие регистрира 29 нови случаи на Ковид-19 од направени 2.887 тестирања, ниту едно починато лице. Активни се само 420 случаи.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.568, бројката на оздравени пациенти е 149.676, на починати е 5.472. Досега во земјата се направени вкупно 838.323 тестирања на Ковид-19.

На инфективните одделенија во државава се лекуваат вкупно 96 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, од кои 30 се во Скопје. Во ковид-центрите има околу 460 празни болнички кревети. Поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено, но со забавено темпо на сите вакцинални пунктови низ државата. Според податоците на веб страницата vakcinacija.mk, досега во државава се вакцинирале 259.935 граѓани.