Во Женева средба Бајден- Путин
Американскиот и рускиот претседател на историска средба во Женева. Пред состанокот, Бајден најави дека на Путин ќе му ги каже црвените линии. Рускиот шеф на државата му одговори- НАТО е остаток од Студената војна...

Прва тет-а-тет средба на лидерите на САД и Русија. Со резервен оптимизам и строги црвени линии, Џо Бајден и Владимир Путин допатуваа во традиционално неутралната Швајцарија за да ги одмерат силите на глобалната политичка сцена.
Пред историскиот самит и двајцата признаа дека во последниве неколку години релацијата Вашингтон- Москва го достигнала дното, но изразија подготвеност за соработка и дијалог, нагласувајќи дека постојат области од заеднички интерес на велесилите од Истокот и Западот.
Агендата предвидена за средбата во вилата „Ла Гранж“ опфаќа серија прашања, вклучувајќи ги и контролата на оружјето, кибернетичките напади и мешањето во изборите.
Протоколот не предвидува заеднички ручек, а по дискусиите следуваат одделни прес-конференции.
Претходно, Бајден и Путин одржаа средби со претседателот на земјата-домаќин Гај Пармелин. Самитот во мирниот швајцарски град ќе го обезбедуваат меѓу 3.000 3.500 полицајци.
„Ова е самит САД- Русија или Русија- САД, и резултатите ќе зависат од тоа што ќе го најават. По тоа ние ќе можеме да кажеме дали вредеше или бил само почетен контакт. Но, комуникацијата меѓу велесилите е во интерес на двете земји и на светот. Швајцарија има долга традиција на неутралност. Во неа се организираа вакви самити, особено во Женева. Предизвик е. Последниот состанок на високо ниво се случи пред 35 години“, изјави Гај Пармелин, претседател на Швајцарија.
Според дел од аналитичарите, истортискиот самит во Женева веројатно нема да резултира со историски промени во билатералните односи меѓу САД и Русија.
