Дополнување на Законот за земјоделско земјиште
На земјоделците кои поради пандемијата не успеале да ја платат закупнината за државното земјоделско земјиште и договор им е раскинатиот, ако сѐ уште ја имаат во владение парцелата им се дава уште една шанса. Доколку Собранието го изгласа дополнувањето на законот, и доколку ја платат давачката заедно со казнената камата, ќе можат да продолжат со користење на земјиштето.
Поради кризата со пандемијата и други финански проблеми, многу земјоделци, корисници на државното земјоделско земјиште под закуп, не стигнаа навреме да ги платат давачките кон државата, со што Министерството за земјоделство им ги раскина договорите.
За да им се помогне, дел од пратениците во Собранието предлагаат дополнување на Законот за земјоделско земјиште со скратена постапка за негово донесување.
Во него се предлага физичките и правните лица на кои им е раскинат договорот за закуп на државно земјоделско земјиште, а не им е одземено владението, да можат да поднесат барање до министерството за продолжување на закупот. Услов е да достават доказ за платена закупнина со казнена камата за задоцнетото плаќање и доказ за платен надомест на штета во висина на годишната закупнина за периодот за кој земјоделското земјиште го владееле без правен основ.
Рокот за доставување на барањето се предлага да биде 60 дена од влегувањето на законот во сила.
Методија Трајков
