Песков: Не очекувајте голем пресврт во односите
Американскиот и рускиот претседател на средба во Женева. За Вашингтон и Москва не е историска и не се очекува конкретен договор. Пред состанокот, Бајден најави дека на Путин ќе му ги каже црвените линии. Рускиот шеф на државата му одговори - НАТО е остаток од Студената војна...

Прва тет-а-тет средба на лидерите на САД и Русија. Со резервен оптимизам и строги црвени линии, Џо Бајден и Владимир Путин во традиционално неутралната Швајцарија ги одмеруваат силите на глобалната политичка сцена. Пред историскиот самит и двајцата признаа дека во последниве неколку години релацијата Вашингтон-Москва го достигнала дното, но изразија подготвеност за соработка и дијалог, нагласувајќи дека постојат области од заеднички интерес на велесилите од Истокот и Западот.
Агендата предвидена за средбата во вилата „Ла Гранж“ опфаќа серија прашања, вклучувајќи ги и контролата на оружјето, кибернетичките напади и мешањето во изборите. Протоколот не предвидува заеднички ручек, а по дискусиите следуваат одделни прес-конференции. Настанот го обезбедуваат околу 3.500 полицајци. Според дел од аналитичарите, историскиот самит во Женева веројатно нема да резултира со историски промени во билатералните односи меѓу САД и Русија. Сличен став има и Кремљ.
„Овој ден нема да биде историски и не треба да очекуваме пресвртници, ситуацијата е пресложена во руско-американските односи. Меѓутоа, фактот што двајцата претседатели се согласија да се сретнат и конечно да почнат отворено да зборуваат за проблемите е напредок. И пред самиот старт на самитот, може да се каже дека ова е позитивен резултат, но не очекуваме големи промени“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Путин.
„Ова самит САД-Русија или Русија-САД, и резултатите ќе зависат од тоа што ќе го најават. По тоа ние ќе можеме да кажеме дали вредеше или бил само почетен контакт. Но комуникацијата меѓу велесилите е во интерес на двете земји и на светот. Швајцарија има долга традиција на неутралност. Во неа се организираа вакви самити, особено во Женева. Предизвик е. Последниот состанок на високо ниво се случи пред 35 години“, рече Гај Пармелин, претседател на Швајцарија.
На состанокот му претходеа неколку еднострани потези што укажаа на зголемено ривалство. Русија ги прогласи САД за непријателска земја, Бајден го нарече Путин „убиец“, а во меѓувреме, Москва и Вашингтон донесоа одлука за протерување на дипломатските мисии од спротивната страна.
Маја С. Филдишев
