Шахпаска: Состојбата во градинките е стабилна
Изминатиот период е забележан само еден нов позитивен случај кај вработените, а позитивни деца згрижени во градинките нема, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јахода Шахпаска.

Состојбата во градинките поврзана со пандемијата предизвикана од коронавирусот е стабилна. Изминатиот период е забележан само еден нов позитивен случај кај вработените, а позитивни деца згрижени во градинките нема, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јахода Шахпаска. Таа најави дека доколку епидемиолошката состојба и натаму е стабилна може да се размислува за зголемување на капацитетот на градинките.
Претпазливо одиме во целиот овој процес бидејќи се работи за најмладите и ќе правиме проценка кога би можеле да ги отвориме групите комплетно како во претходниот период. Она за кое имаше измена во протоколите е за време на годишните одмори да можат да се спојуваат деца од 2 до 6 години во иста група, за да можат вработените да ги користат одморите. Согласно епидемиолошката состојба и мислењата на стручните компетентни лица во Комисијата за заштита од заразни болести, ќе се види дали и кога комплетно ќе се отворат- изјави министерката Шахпаска.
Денеска е отворена новата детска градинка „8-ми април“ во Општината Шуто Оризари. Изградбата е помогната од странските претставници во земјава. На настанот присуствуваа и претставничката на УНДП Нарине Сахакјан, и заменик- амбасадорот на Кралството Норвешка во Белград, Геир Јохансен.
