Пендаровски: Заштитата на критичната инфраструктура е предуслов за функционална држава
Говорејќи за динамичните промени и растечката непредвидливост со која со соочува целиот свет, претседателот Пендаровски во своето воведно обраќање нагласи дека новите асиметрични закани и зачестените природни и од човекот предизвикани непогоди и катастрофи ја зголемуваат ранливоста на критичната инфраструктура и со тоа ги загрозуваат виталните функции на државата и општеството.

Во организација на Претседателскиот центар за политичко образование, а во соработка со партнерската Фондација „Фридрих Еберт“, канцеларија во Северна Македонија денеска се одржа конференцијата – „Критична инфраструктура: ЕУ димензија, закон, стратегиски и институционален пристап“.
Говорејќи за динамичните промени и растечката непредвидливост со која со соочува целиот свет, претседателот Пендаровски во своето воведно обраќање нагласи дека новите асиметрични закани и зачестените природни и од човекот предизвикани непогоди и катастрофи ја зголемуваат ранливоста на критичната инфраструктура и со тоа ги загрозуваат виталните функции на државата и општеството.
„Отежнувачки фактор за нас е што Северна Македонија се наоѓа во еден од климатски, но и безбедносно најранливите региони во Европа. Поради незавршената интеграција на регионот на Западен Балкан во Европската Унија и во НАТО, степенот на порозност на критичната инфраструктура секогаш има и нагласена безбедносна димензија, дополнително засилена со присуството на новите хибридни закани“, рече претседателот Пендаровски, оценувајќи дека во такви сложени услови нашата држава е недоволно подготвена.
Според претседателот Пендаровски, за да имаме вистински функционална држава со одржлива развојна економија и можност за планирање на иднината, неопходно е да изградиме ефикасен систем за заштита на критичната инфраструктура, процес кон кој мора да пристапиме темелно и без импровизации.
„Треба да се утврдат јасни критериуми за идентификација на критичната инфраструктура и да се направат проценки на ризиците и заканите по нејзиниот интегритет. Овој потфат е преголем за само една институција и за само еден мандат. Неопходно е да се вклучат сите надлежни државни институции, релевантни оператори и компании од приватниот сектор, како и искусни експерти од областа“, подвлече претседателот Пендаровски.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека членството во НАТО значи дека сме дел од колективната безбедност и затоа треба да ја подобриме и отпорноста на критичната инфраструктура.
„Пандемијата испрати сериозно потсетување и на нас и на светот за взаемната зависност. Светот практично застана, немаше размена на стоки и услуги, запре транспортот, се приземјија авионите, увозот на храна беше отежнат, запре индустријата, се намалија бизнис активностите. Оваа лекција не потсети дека кога сме зависни, тогаш сме и ранливи“, истакна Шекеринска.
Потсетувајќи дека кризните и вонредните состојби се дел од секојдневниот живот, а со развојот на општеството се зголемуваат изворите и интензитетот на безбедносните ризици, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски укажа на неопходноста од креирање на сеопфатен пристап кој ќе биде изграден со инклузивност на јавниот и приватниот сектор, кој ќе претставува одговор на извршени анализи и во кој ќе бидат инкорпорирани искуствата и добрите пракси на државите членки на ЕУ.
