Заев во Софија на средби со бугарските власти- ќе разговара за португалскиот предлог
Премиерот Заев, придружуван од вицепремиерот Димитров и министерот за надворешни Османи утре во Софија на средби со бугарските власти. Последни обиди за наоѓање решенија за отворените прашања со Бугарија и за деблокада на нашата евроинтеграција. Македонскиот премиер не е оптимист дека официјална Софија ќе го тргне ветото на 22-ри јуни...

Бугарија е должна и треба да ѝ даде поддршка на Северна Македонија, зошто така ќе го докаже тоа на дело и само на таков начин ќе расте нашето пријателство и соработка, изјави премиерот Заев пред утрешните средби со државниот и партискиот врв во Софија, каде ќе разговара за португалскиот предлог за надминување на блокадата на преговорите со Брисел.
„За македонскиот јазик и идентитет не се разговара, туку за португалскиот предлог. Наша официјална позиција е дека е добра основа за постигнување на решение и бугарската официјална позиција е дека е добра основа за постигнување решение. Ова треба да го искористиме. Ако се постигне решение супер, ако не се постигне, сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање на решение веднаш штом ќе се формира политичката влада“, изјави премиерот Заев.
Премиерот оцени и дека секторските групи од двете земји постигнале резултати за патоказот за спроведување на договорот.
„Работните групи имаат соодветно постигање на патната карта на којашто е утврдена секторската соработка на сите нивоа со конкретни пет месеци, три месеци, шест месеци, година дена континуирано или слично, и со интензитетот на закажување на историската комисија. Тоа се сериозни успеси коишто досега се постигнати. И јас верувам дека треба да им дадеме шанса на конечно изнаоѓање на решение“, нагласи премиерот Заев.
Заев не сака да ги подгрева надежите за можноста Бугарија да се согласи за почеток на преговорите на јунскиот самит. Прогнозира дека следната шанса е во октомври кога Словенија ќе претседава со Унијата.
Ирина Гелевска
