Женева

Средба Бајден- Путин со строги црвени линии

16.06.2021 14:48

Со резервиран оптимизам и строги црвени линии, Џо Бајден и Владимир Путин во традиционално неутралната Швајцарија го кршат повеќегодишниот мраз. Претходно, двајцата признаа дека релацијата Вашингтон- Москва го достигнала дното...

Со резервиран оптимизам и строги црвени линии, Џо Бајден и Владимир Путин во традиционално неутралната Швајцарија го кршат повеќегодишниот мраз. Претходно, двајцата признаа дека релацијата Вашингтон- Москва го достигнала дното, но изразија подготвеност за соработка и дијалог, нагласувајќи дека постојат области од заеднички интерес на велесилите од Истокот и Западот.

Агендата предвидена за средбата во вилата „Ла Гранж“ опфаќа серија прашања, вклучувајќи ги и контролата на оружјето, кибернетичките напади и мешањето во изборите. Според дел од аналитичарите, самитот нема да резултира со промени во билатералните односи.

„Почитуван Претседателе, Ви благодарам за иницијативата за денешниот состанок. Знам дека патувавте долго и работевте многу. Сепак, ние имаме многу собрани прашања во односите меѓу Русија и САД за кои е потребна дискусија на повисоко ниво. Се надевам на продуктивен состанок“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Ви благодарам, како што реков надвор, секогаш е подобро да се сретнеме лице в лице“, рече американскиот претседател, Џо Бајден.

На состанокот му претходеа неколку еднострани потези што укажаа на зголемен ривалитет. Русија ги прогласи САД за непријателска земја, Бајден го нарече Путин „убиец“, а во меѓувреме, Москва и Вашингтон донесоа одлука за протерување на дипломати од обете страни на Пацификот.

 

Маја С. Филдишев