Земјоделство

Наскоро нов ИПАРД оглас

17.06.2021 10:28

Наскоро треба да биде објавен нов оглас од ИПАРД 2 програмата. Финансиската поддршка е 65 проценти од инвестициите во руралните средини за вложувања во мали бизниси и во занаетчиство. Во меѓувреме сите заинтересирани кои сакаат да аплицираат треба да ги обезбедат потрените документи...

Производство на прехрамбени производи и пијалоци, занаетчиски дејности, развој на услуги за руралното население како и промоција на руралниот туризам, се дел од инвестициите кои можат да бидат финансиски поддржани со ИПАРД 2 програмата. На огласот кој наскоро треба да биде објавен  ќе може да се отвораат нови или да се модернизираат погони за тестенини, колачи, да се отворат или унапредуваат фарми за одгледување на зајаци, дивеч, полжави, риби, насади за дрва, како и отворање на ресторани кои нудат угостителски и сместувачки услуги.

Од  Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, велат дека сите земјоделци, занаетчии, мали фарми и фирми можат да почнат со комплетирање на потребната документација за аплицирање и добивање на финансиската поддршка.

Согласно програмата 65 проценти од прифатливите трошоци за реализиација на инвестициите ќе им бидат вратени на земјоделците, занаетчиите и стопанствениците.

Преку оваа мерка за „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ се создаваат услови за развој на малите и микро претпријатија кои траба да вијаат на поголемот развој на руралните средини.  

 

Методија Трајков