Фудбал, германско првенство

Баерн пред одбрана на бундеслигашката круна, Гвардиола импресиониран...

24.03.2014 14:06

Фудбалерите на Баерн се на чекор до продолжување на сувереното владеење во германскиот фудбал.

 Со победа утре вечер над Херта, баварскиот гигант ќе ја освои 24.титула во Бундеслигата уште на седум кола до крајот на годинашниот шампионат.

Одушевен од супериорноста на Баерн сезонава е и тренерот Пеп Гвардиола. Особено е импресиониран од бројките коишто ги остварија неговите избраници во настапите во домашната лига.

„Изненаден сум од дострелот на моите играчи. 18 победи едноподруго е одличен рекорд“, изјави шпанскиот стратег, којшто минатото лето го наследи Јуп Хајнкес.

„Што поскоро ја освоиме титулата, ќе биде подобро за нас. Ќе има голема прослава ако успееме уште утре, но без оглед на се мора да се знае дека триумфот во Бундеслигата воопшто не е лесна работа. За мене, домашната титула е најважна, бидејќи подразбира дека секоја недела станувате се подобри“, рече Гвардиола.