Се затвора модуларната болница во Куманово
Модуларната ковид болница во Куманово ќе се затвори. Во неа повеќе нема да се примаат пациенти на кои им треба хоспитализација. Причина за затворањето е значајното намалување на бројот на позитивни и заболени лица во регионот. За третман на новозаболени ќе продолжи со работа ковид 1 одделението, сместено на Инфективниот оддел.

Се затвора модуларната ковид болница во Куманово. Значајно е намален бројот на болни на кои им треба хоспитализација, но и на новозаболени позитивни на коронавирусот. Во функција ќе остане само ковид 1 одделот, кој се наоѓа на Инфективното одделение. Во кумановската болница во моментов се хоспитализирани десетина пациенти, а одделот располага со 20-ина кревети.
„Бројката и кај нас конечно е на тоа ниво да можеме да работиме само на еден пункт со ковид пациенти. Искрено се надевам дека овој трент ќе продолжи, дека ќе имаме што помал број на новозаболени, помал број на пацинети кои ќе треба да се хоспитализираат, и од есен да немаме бројки какви што имавме во последните бранови“, изјави Снежана Захариева, директор Општа болница Куманово.
Модуларната болница со капацитет од 33 легла беше отворена на почетокот на март. Од почетокот на пандемијата во Куманово се регистрирани над 8.800 случаи позитивни на вирусот, со што општината е на второто место во државата според бројот на заразени, веднаш по Скопје.
Елена Георгиевска
