Се бараат концесионери за Tиквешко Езеро

18.06.2021 10:56

Се бараат концесионери за Tиквешко Езеро за наредните шест години. Јавниот повик ќе трае до 14 јули за кога е закажано и отворањето на понудите. Критериум според кој ќе се изврши изборот е највисокиот понуден износ. Почетната цена за наддавањето е 1,5 милиони денари.

Објавен е јавен повик за доделување на концесијата за вршење на стопански риболов за период од шест години за „Акумулација Тиквешко Езеро“ .

Право на учество на Јавниот повик имаат домашни правни лица регистрирани за рибарство и странски правни лица доколку имаат подружница во Македонија.

Покрај другите документи, секој понудувач треба да достави и банкарска гаранција за учество во постапката. Доколку понудата не е комплетна и не ја содржи потребната документација, нема да биде предмет на разгледување.

Критериум според кој ќе се врши изборот на најповолна понуда е највисокиот концесиски надомест, изразен во проценти и понуден на електронската аукција.

Почетната минимална цена е 1,5 милиони денари за периодот од 6 години.

Надоместот за стопанскиот  риболов ќе биде поделен на шест еднакви рати, а идните концесионери секоја од нив ќе мора да ја платат најдоцна до 31 декември во тековната година.

Краен рок за поднесување на понудите  е 14 јули 2021 година. 

 

Методија Трајков