Зголемен бројот на сообраќајни несреќи во Тетово

18.06.2021 15:09

Зголемување на бројот на сообраќајки во кои учествуваат пешаци и велосипедисти, бележи статистиката на СВР Тетово. За изминативе пет месеци во тетовско двајца пешаци ги загубија животите. Немањето на соодветна инфраструктура за движење на оваа категорија на учесници во сообраќајот е главниот проблем...

Ова е вообичаената слика на велосипедистите во Тетово. Низ сообраќајниот хаос изложени на постојано опасност, без доволни патеки, а тие кои што се обележани се узурпирани од паркирани возила и контејнери.

Велосипедот би требало да биде најчесто превозно средство, релациите се кратки, градот е рамен, но ретко кој се одлучува да вози поради немањето соодветни услови.

Небезбедни се чуствуваат и пешаците, кои поради узурпираните тротоари од паркирани возила, мора да одат пеш и по коловозите.

Небезбедната инфраструктура носи последици. За само 5 месеци имаме 27 повредени пешаци од кои двајца починале. Од полицијата велат дека нема соодветни услови за оваа категорија на учесници во сообраќајкот, а дел од нив и не се дисциплинирани.

СВР Тетово започна со превентивен проект, поголема безбедност на пешаците, велосипедистите и мотоциклистите кој во себе содржи превентивни едукативни средби со овие учесници во сообраќајот под мотото – „Само искуството е знаење, се друго е информација и едукација“.

Од Општина Тетово пак со уште една најава за ослободување на велосипедските патеки и тротоари, како и изградба на нови.

 

Зоран Димовски