Фрапантен раст на бројот на бегалци
Фрапантен раст на процентот на лица кои се водат како бегалци е забележан минатата година. Од УНХЦР ги повикаа светските лидери да ги зајакнат напорите за негување на мирот, стабилноста и соработката, со цел да го сопрат и да започнат да го намалуваат деценискиот растечки тренд на раселувања предизвикани од насилства и прогон...

За само една година бројот на луѓе кои бегаат од своите домови и од своите земји се зголемил за четири проценти. Над 82 милиони луѓе се водат како бегалци, баратели на азил внатрешно раселени или присилно раселени, од кои за жал дури 42 проценти се под 18 години, а еден милион деца се родиле во прогон, покажа последниот извештај на УНХЦР. Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранде им порача на светските лидери да ги засилат политичката волја и напорите за подобрување на состојбите.
„Им оддаваме почит на заедниците кои ги згрижуваат бегалците и кои демонстрираат универзални вредности и принципи на сочуство и хуманост. Згрижувале бегалци со години, дури и цели генерации и продолжуваат и во време на пандемија. Тоа е моќна порака на надеж и солидарност. Нашите приорите остануваат да ги обезбедиме бегалците, но не можеме тоа да го сториме сами“, вели Гранде.
Во врвот на пандемијата во 2020 година, преку 160 држави ги затвориле своите граници, а 99 држави не направиле исклучок ни за лицата кои бараат заштита. Сепак, со подобрени мерки, какви што се медицински прегледи на границите, здравствени сертификати, привремен карантин или поедноставени постапки за регистрација повеќето држави нашле начини да обезбедат пристап до азил.
Зад секоја бројка стои личност приморана да побегне од својот дом и приказна за раселување, загуби и страдање. Тие го заслужуваат нашето внимание и поддршка, не само во хуманитарна помош, туку и преку наоѓање решенија за нивните страдања, порача Гранде спроти 20 јуни, Светскиот ден на бегалците.
„Кои и да сте од каде и да доаѓате секој од нас може да направи разлика, да придонесе. Секоја акција се брои“, вели Гранде.
Фиљана Кока
