Реакции по средбите во Софија
ВМРО-ДПМНЕ бара премиерот да објави каков предлог дал во Бугарија и прашуваат дали станува збор за ново предавство на идентитетот и историјата? Од Владата одговор дека на средбите во Софија се обезбедило унапредување на меѓусебната доверба и дијалог што овозможило да се разговара за решенија врз основа на португалскиот предлог. СДСМ ја обвини опозицијата дека му наштетува на преговарачкиот процес...

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека ако Заев навистина дал предлог на бугарската страна, за посебноста на македонскиот јазик кој е наше идентитетско обележје, тогаш тој безочно ја лажел јавноста. Од партијата посочуваат дека со ова премиерот ја прифаќа негаторската теза на круговите во Софија, дека македонскиот и бугарскиот јазик се исти јазици, што пак е директно загрозување на нашиот идентитет.
Во Владата ги демантираат шпекулациите за наводни формулации за решенија кои се споделуваат низ дел од медиумите. На средбите на премиерот Зоран Заев и владината делегација, како што велат од Владата се обезбедило унапредување на меѓусебната доверба и дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Овој позитивен исчекор ни овозможи да разговараме за можностите за решенија, за што добра основа е португалскиот предлог. Решенијата мора да водат грижа за двете страни, односно да ги адресираат прашањата што се важни за двете земји. Такви решенија се можни, за да се дојде до нив неопходен е дијалог, а сега еве и дијалогот е повторно на маса, се вели во одговорот од Владата.
Владејачката СДСМ посочува дека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ со своето однесување го блокира процесот за градење на добри односи со соседите. Велат дека во рамките на Договорот со Бугарија работат на изнаоѓање на решенија, преку дијалог и добра волја со нашиот источен сосед.
Овие препукуваања на релација власт- опозиција доаѓаат откако во јавноста беа објавени од бугарските медиуми, одредени информации за одредени предлози кои македонската страна наводно ги доставила на техничката влада во Софија.
Игор Панов
