Ковид-19

Втор случај на индиски сој во државата

20.06.2021 09:35

Епидемиолошките анкети кои се правени покажале дека не постои ризик, а со тоа и некаква потреба од некакви дополнителни мерки...

Уште еден пациент со индиски сој на вирусот Ковид-19 е регистриран во државата. Индискиот сој е регистриран кај пациентот кој бил на работа во Ирак – колега со првооткриениот случај со овој мутиран сој во државата. Пациентот не е во ризик, неговата состојба е под контрола.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера напомена дека епидемиолошките анкети кои се правени покажале дека не постои ризик, а со тоа и некаква потреба од некакви дополнителни мерки.

Тој уште еднаш потенцираше дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот.

Стравување од индискиот сој или таква некоја евентуална нова форма на мутација која што може да биде позаразна од сегашните постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот. Кон крајот на месецов ќе пристигнат поголеми количини на вакцини, рече Филипче.

На 28 јуни се очекуваат нови 100 илјади вакцини на „Фајзер“ преку КОВАКС-механизмот, а на 27 и 30 јуни треба да пристигнат 500 илјади вакцини на „Синовак“.

Министерот ги повика граѓаните од повозрасна категорија кои се пријавени а уште не се вакцинирани, да аплицираат повторно преку матичните лекари во системот „Мој термин“ за да се коригираат овие пропусти.