Турција и Египет најбарани дестинации, во Охрид и Струга пристигнуваат гости од Полска и Украина
Најбарани дестинации во туристичките агенции ова лето се Турција и Египет. Послаб е интересот за Грција. Започна и инкаминг туризмот во туристичките центри во земјава. Голем е бројот на странски туристи од Полска и Украина во Охридско- струшкиот регион.

После долг период на рестрикции и ограничувања поради пандемијата голем е интересот за патување кај жителите на Охридско- стушкиот регион. Најбарани дестинации се Египет и Турција. За прв пат годинава послаб е интересот за патување во Грција, но според туристичките работници тоа се должи на потребата од ПЦР тестови. Има интерес за патување и во Албанија и Црна Гора, а мал дел од граѓаните си дозволуваат поексклузивен одмор на Малдиви и Дубаи.
„Минатата година бидејќи целиот свет беше локдаун имавме многу мала побарувачка, Турција ја имавме само и малку Хургада годинава имаме поголема побарувачка а и поголема понуда“, вели Анкица Крстаноска сопственик на туристичка агенција во Струга.
Од друга страна почна и инкаминг туризмот во регионот. Голем е бројот на странски туристи од Полска и Украина кои веќе доаѓаат на брегот на Охридското езеро. Во првата половина на јули се очекува да стартуваат чартер летовите на тур операторите од Холандија.
„Тоа ќе зависи од почетокот на чартер летовите на холандските гости. Ако тие летаат ќе биде една позитивна оценка дека сме безбедна дестинација и ќе почнат да доаѓаат и други странски гости“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
ЕУ одлучи Македонија да биде ставена на листата земји во кои е безбедно да се патува. Освен Македонија, безбедни за патување во регионот ги прогласија и Албанија и Србија. Амбасадорите потврдија дека во тие земји има задоволителна епидемиолошка состојба да се патува без ограничувања.
Соња Рилковска
