ВИЕНА

Напредок во разговорите за спас на Нуклеарниот пакт со Иран

21.06.2021 11:44

Сега очекуваат од владите на засегнатите земји да донесат политички одлуки. Дел од нив изразија загриженост поради новоизбраниот претседател на Иран Ебрахим Раиси кој е претставник на порадикалните политички струи.

„Направен е дополнителен напредок во преговорите меѓу Иран и светските сили за спас на Нуклеарниот договор“, изјавија дипломатите по шестата рунда разговори во Виена. Сега очекуваат од владите на засегнатите земји да донесат политички одлуки. Дел од нив изразија загриженост поради новоизбраниот претседател на Иран Ебрахим Раиси кој е претставник на порадикалните политички струи.

„Делегациите ќе се вратат со појасни насоки, идеи за конечно склучување на договорот. Оваа рунда се одржа паралелно со важни политички случувања и мора да нагласам дека преговаравме како и обично и покрај тие настани“, изјави Енрике Мора, претседавач на состанокот во Виена.

„Постојат неколку контроверзни точки за кои се потребни политички одлуки. Очигледно е дека дипломатските напори за наоѓање на заеднички јазик се исцрпени. Сега е време за политички одлуки“, рече Михаил Улјанов, амбасадор на Русија.

Договорот за иранската нуклеарна програма беше потпишан во Виена во јули 2015 година од Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност (Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД) и Германија, како потписничка во име на Европската унија.