ЕУРО 2020

Македонските фудбалери денеска против Холандија, Пандев најави крај на репрезентативната кариера

21.06.2021 11:45

Овој натпревар за капитенот Пандев е последен со репрезентативниот дрес, а и селекторот Ангеловски најави повлекување откако му истекува договорот со ФФМ.

Македонската фудбалска репрезентација попладне го игра третиот натпревар од групната фаза. Во Амстердам играме со домаќинот Холандија. Овој натпревар за капитенот Пандев е последен со репрезентативниот дрес, а и селекторот Ангеловски најави повлекување откако му истекува договорот со ФФМ.

„Ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Ова е крај на мојата кариера во репрезентативниот дрес. Мислам дека оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес“, изјави Пандев.

На моите соиграчи им посакувам да се пласираат на Светското првенство. Верувам дека можат да го остварат тоа, бидејќи станува збор за фантастични играчи, посочи Пандев.

По двата порази од Австрија и од Украина, црвено-жолтите најавуваат добра игра, бидејќи ништо не може да се загуби, а треба да покажеме дека не сме случајно на европскиот шампионат.

Мечот почнува во 18 часот, со директен пренос на Македонската телевизија.