Данте продолжи со Баерн

24.03.2014 14:58

Одбранбениот фудбалер на Баерн Минхен Данте потпиша нов договор со клубот, со траење до 2017-та.

Иако во ланскиот преоден рок беше на чекор да направи премин во Манчестер јунајтед, сепак, Бразилецот реши да остане на „Алијанц“, а челниците на европскиот првак побрзаа да го осигураат неговото присуство во тимот за уште една дополнителна година. Претходниот договор на Данте важеше до летото 2016.

„ Тој беше еден од нашите најсилни трансфери во последниот период. Само за сезона и половина се наметна на и надвор од теренот. Со него освоивме пет титули и навистина заслужува да биде во бразилската репрезентација на претстојното Светско првенство. Среќни сме што останува кај нас“, рече претседателот на бордот на директри на Баерн, Карл Хајнц Румениге.

„Доаѓањето во Минхен беше најважно решение во мојот живот. Овде е прекрасно - клубот, градот, освојуваме пехари. Баерн е вистинскиот клуб за мене“, категоричен Данте, кој е еден од столбовите на екипата на Пеп Гвардиола. 30-годишниот фудбалер ја минува втората сезона во Баерн, а пред тоа играше во Борусија Менхенгладбах, во Стандард Лиеж, а го носеше дресот и на Шарлоа, на Лил и на Жувентуд.