Мал напредок во преговорите за Нуклеарниот пакт
Единствената нуклеарна централа „Бушер“ во Иран е итно затворена, најверојатно поради дефект. Од Техеран се бара да го испрати потрошеното гориво од реакторот назад во Русија, за да се спречи ширење на нуклеарно оружје и материјали. Во Виена, напредок во разговорите меѓу дипломатите за спас на нуклеарниот пакт со Иран. Се чекаат политичките одлуки...

„Напредуваме, но сè уште не сме стигнале до целта“ – ова е заклучокот на дипломатите по шестата рунда разговори во Виена за спас на Нуклеарниот договор со Иран. Балансот во релацијата Вашингтон - Техеран останува главен предизвик. Мисијата на виенските средби е да се вратат двете страни кон обврските во Пактот кој почна да пропаѓа по повлекувањето на САД во 2018 година и враќањето на економските санкции за Иран. Техеран бара гаранција дека новата администрација на Вашингтон нема да ги следи чекорите на претходната, предводена од Доналд Трамп.
„Без таква гаранција е невозможно да се вратиме во Договорот. Во Техеран ќе се донесат потребните одлуки за ставовите и активностите на Иран по истекот на техничкиот договор со Меѓународната агенција за атомска енергија“, изјави Абас Аракчи, шеф на делегацијата на Иран.
САД кои учествуваат индиректно во процесот на преговори, го поздравуваат напредокот, но со резервиран оптимизам околу крајниот исход.
„Не е толку важно дали претседателот на Иран е лице А или Б, туку дали целиот систем им е подготвен да преземе проверливи чекори за ограничување на нуклеарната програма. Во добра насока сме во однос на состаноците во Виена“, изјави Џејк Саливан, Советник за национална безбедност на САД.
Дел од дипломатите во Виена изразија загриженост поради насоката којашто ќе ја заземе владата на исламската република по изборот на новиот претседател Ебрахим Раиси кој ги застапува порадикалните структури.
„Делегациите ќе се вратат со појасни насоки, идеи за конечно склучување на договорот. Оваа рунда се одржа во важни политички случувања и мора да нагласам дека преговаравме како и обично и покрај тие настани“, вели Енрике Мора, претседавач на состанокот во Виена.
„Постојат неколку контроверзни точки за кои се потребни политички одлуки. Очигледно е дека дипломатските напори за наоѓање на заеднички јазик се исцрпени. Сега е време за политички одлуки“, изјави Михаил Улјанов, амбасадор на Русија.
Во меѓувреме, иранското МНР се обиде да ја смири јавноста по веста за технички дефект во нуклеарната централа Бушер којашто е изградена на трусно подрачје. Оттаму соопштија дека прекинот на работата на централата е резултат на редовно техничко одржување на објектот.
Маја С. Филдишев
