Од 1-ви јули ќе важат мерките за ДДВ кај струјата и еколошка такса на горивата
Утре на владина седница одлуката за намалување на ДДВ-то на струјата од 18 на 5 проценти. Ребалансот на државната каса во собраниска процедура влегува на 1- ви јули. Владата не отстапува и од еколошката давачка. Неделава на состанок ќе им биде презентирана на коморите...

Предложените мерки со кои се зголемува еколошката такса на сите горива на 3,5 денари по литар и намалување на ДДВ за струјата ќе важат од 1-ви јули, информираше министерот за финасии Бесими. Тој очекува дотогаш да бидат изгласани во Собранието.
„Имаме предлог за законот за ДДВ за намалување во транзитен период, односно да се помогне на домаќинствата кога се прави либерализација на пазарот на електрична енергија. Домаќинствата ќе добијат олеснување во однос на цената на електричаната енергија преку намалување на делот на ДДВ, која е конректна мерка која директно влијае врз буџетот на домаќинствата“, изјави министерот Бесими.
Според предлогот, прецизираше Бесими, ДДВ кај електирчната енергија за домаќинствата треба да се намали од 18 на 5 отсто, потоа наредната година да биде на ниво од 10 отсто и третата година да се врати на 18 отсто. Целта е да се помогне на домаќинствата во транзитниот период на либерализација на пазарот на електрична енергија.
Тој појасни дека еколошката такса е нешто различно од акцизата на нафтените деривати која е регулирана со друг закон и зависи од движењата на цените на светските берзи.
„Сега не се интервенира кај акцизата, каде со последната измена има варијабилен дел кој зависи од цената на горивата на светските берзи. Сега зборуваме за еколошка такса која се регулира со закон од Министерството за животна средина и просторно планирање и тие средства ќе се користат за проекти за обновливи извори на енергија, енегетска ефикасност, како и за зелената агенда“, вели Бесими.
Двете законски решенија ќе се разгледуваат на утрешната владина седница.
Марина Стојанова- Тонева
