Пораз од Холандија, Пандев го одигра последниот натпревар за Македонската репрезентација
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски не успеаја да освојат ниту еден бод на трите средби во Ц-групата, но прикажаа добра игра. Денешниот натпревар беше последен за Горан Пандев, капитенот на генерацијата која го постигна најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал...

Македонската фудбалска репрезентација загуби од Холандија со 3:0 во својот последен настап на 16-тото Европско првенство. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски не успеаја да освојат ниту еден бод на трите средби во Ц-групата, но прикажаа добри игри и можеби со малку повеќе среќа ќе беа поуспешни.
Денешниот натпревар беше последен за Горан Пандев, капитенот на генерацијата која го постигна најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал. „Гранде Пандев“ дводецениската репрезентативната кариера ја заврши со 122 настапа и 38 погодоци.
Соиграчите на „Гранде Пандев“ од македонската репрезентација во 69-тата минува кога и беше заменет, застанаа во шпалир и му оддадоа почит на својот капитен кој беше нивни предводник до најголемиот успех, пласманот на ЕВРО 2020.
„Чест и гордост беше за мене да го носам македонскиот дрес изминатите 20 години. Изборивме пласман на Европското првенство и вечно ќе се сеќавам на овој успех со репрезентацијата. Срцето ми е полно. Нема поубаво чувство да играш на големо натпреварување во светиот дрес. Одлуката за крај со репрезентативните настапи е конечна. Не можам да играм, а да не го дадам максимумот. Чувствувам дека играњето на два фронта за мене на 38 години е невозможно. Во иднина ќе навивам за овие момци и убеден сум дека имаат квалитет да се пласираат на светското првенство“, изјави Пандев.
Мечот со Холанѓаните можеби е последен и за Ангеловски на селекторската функција, бидејќи неговиот договор со Фудбалската федерација на Македонија завршува на крајот на месецот.
„Можам да кажам дека беше огромно задоволство да се води Македонија на едно Европско првенство. Воопшто не треба да бидеме разочарани. Ова беше наш дебитантски настап. Би сакал да им се заблагодарам на фудбалерите предводени од капитенот Горан Пандев за сè што направија на ЕВРО 2020. Среќен сум што испишавме историја и ја однесовме Македонија на Европското првенство“, изјави Ангеловски.
Новиот капитен на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски, беше малку разочаран поради тоа што не се успеа во намерата да се освојат бодови на ЕВРО 2020.
Сакам да носам уште радости на македонската јавност. Не сакам тешење дека сме херои. Жал ми е за квалитетот што го има оваа репрезентација, а не успеавме да освоиме бод. Ова се големи натпреварувања кои бараат континуитет- нагласи Ристовски.
