Ковид-19

Филипче: До крајот на летото можен е колективен имунитет

22.06.2021 12:07

До крајот на летото се очекува колективен имунитет. Предуслов е поголем број граѓани да се имунизираат. Досега се вакцинирани околу 300.000. Министерот Филипче вели дека е реално до крајот на летото вакцина да примат две третини од вкупната популација, исклучувајќи ги младите...

До крајот на летото се очекува колективен имунитет. Предуслов е поголем број граѓани да се имунизираат. Досега се вакцинирани околу 300.000. Министерот Филипче вели дека е реално до крајот на летото вакцина да примат две третини од вкупната популација, исклучувајќи ги младите.

„Во овој момент се вакцинирани нешто под 300.000 граѓани, со оваа следна количина што доаѓа уште 300.000 граѓани, тоа се 50% од вкупната популација која што планираме да се вакцинира, тука се исклучени децата. Што значи некаде 1.200.000 граѓани ќе бидат вакцинирани со што до крајот на летото може да очекуваме процент на колективен имунитет со оваа бројка“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

До крајот на месецов ќе стигнат кинеските вакцини „Синовак“, со што од наредната недела треба да продолжи вакцинација на населението со поинтензивно темпо.

Од почетокот на пандемијата Народна Република Кина е еден од најголемите поддржувачи на земјава со донации и вакцини. Овојпат со медицинска опрема вредна 100 илјади долари.

„Народна Република Кина ќе продолжи да соработува и да ѝ помага на Македонија и на другите земји во борба против пандемијата. Овој пат поддршката е донација на медицинска опрема во клиничкиот центар за ковид- центрите“, изјави кинескиот амбасадор во земјава Џанг Sуо.

За предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за обештетување на македонските граѓани кои се вакцинираа во Србија, министерот Филипче не слушнал, но е подготвен да се разговара.

Во третиот и четвртиот квартал се очекуваат уште 350.000 дози од „Фајзер“ преку Ковакс- механизмот, но и околу 200.000 „Спутник“. Откако ќе бидат вакцинирани сите пријавени граѓани, Министерството за здравство ќе спроведе теренска имунизација во местата со слаб интерес.

 

Александра Спировска