Свет

За сиромашните земји нема вакцини, богатите имаат премногу

22.06.2021 12:17

Од Светската здравствена организација велат дека дел од посиромашните држави воопшто и немаат вакцини. Агенцијата на ООН преговара со компании за создавање на прв центар за трансфер на технологија за вакцини во Јужна Африка...

Над половина од сиромашните земји во светот кои добиваат вакцини преку Ковакс механизмот, немаат соодветни резерви за да ја продолжат имунизацијата. Од Светската здравствена организација велат дека дел од посиромашните држави воопшто и немаат вакцини.

„Сѐ уште се бориме за пристап до вакцините. Некои земји имаат огромен вишок. Национализмот поради вакцините мора да заврши. Со оваа пандемија се соочуваме сите. Не е праведно животот на луѓето од богатите земји да вреди многу повеќе од животот на оние во посиромашните“, вели Сирил Рамафоса- претседател На Јужна Африка.

Агенцијата на ООН преговара со компании за создавање на прв центар за трансфер на технологија за вакцини во Јужна Африка.

За да го зајакнеме производството, објавен е повик за споделување на знаење, технологија и лиценци и откажување од интелектуалната сопственост. СЗО разговара со компании и институции за воспоставување центар за трансфер на технологија во Јужна Африка“, изјави Тедрос Аданом Гебрехесус- генерален директор на СЗО.

Меѓудругото СЗО соопшти дека индискиот сој на Ковид-19 или т.н. „делта“ варијанта е регистрирана во 92 држави. Овој вид на вирусот предизвикува особена загриженост поради затоа што е позаразен и забрзано се шири низ светот.

Поради ескалацијата на мутацијата Велика Британија го пролонгира рокот за прогласување за крајот на пандемијата од 21-ви јуни за 19-ти јули. Наспроти ова, сепак охрабрувачки податоци пристигнуваат од Куба, една од петте вакцини што ги развива земјата покажала ефикасност од 92 насто. Властите очекуваат Куба да биде првата земја во Латинска Америка која официјално развила вакцина против коронавирусот.

 

Маријана Димовска