Луксембург

Седница на Советот на ЕУ за проширувањето, Бугарија и натаму не попушта

22.06.2021 12:56

Земјите членки на ЕУ во Луксембург расправаат за проширувањето на Унијата. И покрај настојувањата, но и критиките од повеќе земји, Бугарија и натаму одбива да даде виза за македонската преговарачка рамка. На Софија ѝ било предочено дека со блокадата се доведува во прашање кредибилитетот на целата Европска унија...

Претпладнево во Луксембург почна седницата на Советот за општи работи на земјите- членки на ЕУ, на која треба да се донесе и одлука за првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија. Пред почетокот на седницата министрите од Словачка, Германија и Ирска упатија поддршка за да не се блокираат Скопје и Тирана, со оглед на постигнатиот реформски напредок.

„Се договоривме за претпристапните фондови на земјите- кандидати. Ќе разговараме за условите за пристапување на Северна Македонија и на Албанија, ќе заземе и став за сегашната состојба. Се надеваме дека вечер ќе имаме и две меѓувладини конференциии на политичко ниво со Србија и Црна Гора, предводени од нивните премиери“, изјави Ана Паула Закариас- државен серкретар за европски прашања на Португалија.

„На состанокот ќе разговараме и за процесот на проширувањето, многу важен за Словачка. Како да се одблокира процесот на пристапувањето за Северна Македонија и Албанија. Навистина се надевам на добри резултати, позитивни одговори бидејќи станува збор за довербата во Европската унија во овој регион, што како што реков, е многу важна за Словачка“, нагласи Мартин Клаус.     

Според дипломатски извори, на Софија ѝ било предочено повторно дека во прашање е кредибилитетот на целата Европска Унија, а критиките на земјите членки кон позицијата на Бугарија биле „многубројни“.

Бугарскиот претставник порачал дека „ЕУ не ја разбира длабочината на проблемот“ помеѓу Скопје и Софија, дека овој спор е европско прашање, и дека притоа Бугарија се наоѓа во „специфична ситуација“ поради претстојните избори во јули. Сепак, Бугарија не може да даде никаква гаранција ни дека со политичка влада ќе го деблокира ветото.

За огромното мнозинство земји членки е јасно дека одвојување од Албанија не смее да има, и дипломатите присутни на состанокот оценуваат дека е речиси невозможно ова сценарио да се оствари, „освен ако нешто се промени до крајот на денот“.