Фудбал

Овации и аплаузи за Пандев и во Струмица

22.06.2021 13:37

По 20 години и 122 натпревари за македонската репрезентација, Горан Пандев вчера за последен пат го носеше дресот на Македонија...

Со овации и аплауз синоќа беше поздравен капитенот на македонската репрезентација кој го одигра својот последен, 122-ри натпревар, на кој доби и пригоден подарок од федерацијата на „лалињата“. Струмичани кои не заминаа во Холандија, синоќа од родниот град на капитенот го бодреа и до последна минута се надеваа дека македонската репрезентација ќе освои бод. За нив Пандев станува крал во фудбалот.

„Горан за нас претставува икона, претставува фудбалски бог кој мора да го почитуваме. Јас ќе ги кажам зборовите на неговот брат Сашко, кој вели дека овој натпревар нема да биде последен. Јас се надевам дека на арената Тодор Проевски ќе му приготвиме едно величенствено простување од македонскиот национален дрес“, вели Југослав Тренчовски- спортски работник.

Навивачите, фановите и сограѓаните на Пандев се надеваат дека Пандев сепак ќе одигра уште некоја минута во црвено-жолтиот дрес. Среќни се што токму тој остава голем успех за македонската репрезентација и ќе остане запишан во историјата на фудбалот.

„Учеството на репрезентацијата на Европскот првенство значи многу, а Горан Пандев е великан на македонскиот фудбал, а дали ќе се роди уште еден како него ќе видиме. Горан Пандев може да продолжи уште, ако не- тоа ние како навивачи ќе го почитуваме“, изјави Томе Николов.

Во еден од струмичките локали синоќа натпреварот заедно со фановите го следеа и сопругата и трите деца на Пандев. Горан вчера после две децении во црвено- жолтиот дрес го одигра последниот меч за Македонија, но тој не беше единствениот кој после дуелот со Холандија ја заврши репрезентативната кариера од актуелниот состав. Селекторот Игор Ангеловски изјави од Амстердам дека мечот со Холандија е последен за него на местото на клупата на нашата репрезентација.

 

Стојне Митева