Дипломатија

Османи- Линде: Билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите

22.06.2021 14:44

Шефицата на шведската дипломатија, Ан Линде и нејзиниот македонски колега Бујар Османи со идентичен став- билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите со ЕУ. Линде изрази загриженост затоа што Бугарија и натаму не дава зелено светло за почеток на преговорите на земјава со Унијата...

Ние немаме алтернатива за нашата европска перспектива и за добрососедските односи со Бугарија. После 16 години од кандидатски статус и 20 години чекање, граѓаните очекуваат да почне следната фаза за земјава, истакна министерот Османи по средбата со шведската колешка Линде. Се надева дека Бугарија ќе ги искористи овие последни денови за да возврати на искрениот пристап на македонската влада за да ги надминат разликите. Во спротивно, дополни Османи, немаме друг избор туку штафетата после 20 години да ја предадеме на Словенија.

Поддршка за евроинтеграцискиот процес на земјава и од шведската министерка за надворешни работи. Разочарана е, вели, што Европската унија сѐ уште не ги почнува преговорите со земјава. Македонија ги исполни условите, а обврска на ЕУ е да ги почне пристапните преговори, а билатерално прашање не може да биде предуслов.

Линде ја повика Владата да ги насочи напорите кон остварување на националните стратегиски цели- владеењето на право, борба против организираниот криминал и корупцијата, борба за кохезивно општество, слобода на медиумите.

 

Викторија Милевска