Зголемен бројот на заразени со делта мутацијата
Американскиот инфектолог Фаучи тврди- мутацијата делта е најголема закана во битката со пандемијата, но западните вакцини се ефикасни против сојот. Додека Европа и САД стравуваат од подемот на индискиот сој, во Јужна Америка откриена уште поопасна мутација. ламбда или Ц-37, е присутен во 29 држави. Кина бара истрага за потеклото на вирусот, но во САД.

Американскиот експерт за инфективни болести Ентони Фаучи тврди дека делта-варијантата на коронавирусот е најголемата закана за борбата против пандемијата. Мутацијата, која беше откриена во Индија, се пренесува брзо и станува доминантна на глобално ниво. Според последните истражувања, овој сој го пренесуваат претежно помладите лица.
„Делта-варијантата е најголемата закана во САД во обидот да го елиминираме ковид-19. Добра вест е што нашите вакцини се ефикасни против овој вид. Заклучокот е – ги имаме потребните алатки, да ги употребиме и да го поразиме вирусот“, изјави Ентони Фаучи, главен медицински советник на Белата куќа.
И покрај високата стапка на вакцинирани лица, во Велика Британија, Германија и Португалија регистриран раст во бројот на инфицирани од делта-мутацијата. Во рускиот главен град - рекорден број заразени. Според московските власти, 90% се предизвикани од индискиот сој. Поради влошената епидемиолошка слика, имунизацијата станува задолжителна за одредени сектори.
„Овие мерки доведоа до прогрес во стапката на вакцинирани, редици луѓе чекаат да примат вакцина. Колку ќе чекаат зависи од постапките на градот и на бизнисите.“
„Наметнувањето секогаш има контраефект. Реакцијата беше негативна веднаш штом најавија дека мора да се вакцинираме. Да не го направеа тоа, луѓето сами ќе се вакцинираа.“
Вакциналната потврда е предуслов за влез во угостителските објекти. Мерката е дел од програмата „Зона без ковид-19“ која беше најавена минатата недела. Според новите правила, секој посетител мора да приложи доказ за примена вакцина, прележан вирус или негативен тест.
„При скенирањето на Кју-Ар кодот, екранот позеленува доколку лицето било целосно имунизирано. Нема лични податоци, само иницијали, првите два и последните три броја од пасошот.“
„Ова не е толку важно за нас, туку за земјата и бизнисот. Ние не сме против оваа мерка, сакаме вирусот да исчезне, но и луѓето бидат посовесни во однос на здравјето.“
Изворот на новиот коронавирус и натаму предмет на жестока дебата и меѓусебни обвинувања. Кина бара темелна истрага во САД за потеклото на Сарс-Ков-2.
„Бараме истраги од три аспекти. Првиот е за изворот на епидемијата. Вториот е неспособноста да се справат со епидемијата и со виновниците, и третиот се однесува на проблемите во Форт Детрик и двестоте лаборатории во странство“, изјави Жао Лиџијан, портпарол на кинеското МНР.
Досега од ковид-19 починале над 3,88 милиони лица.
Маја С. Филдишев
