Пандемијата стивнува, но не и интересот за тестови
Пандемијата стивнува, но не интересот за ковид тестовите во Куманово. Лабораторијата на Центарот за јавно здравје во овој град, од први месецов досега реализирала дури 900 тестови. Граѓаните се тестираат по епидемиолошки индикации, но и за патување во странство. Пунктот на оваа лабораторија се почесто го посетуваат и странски државјани.

Иако бројките на новозаболени од коронавирусот се намалуваат, интересот за ковид тестови се уште е голем, информираат од кумановскиот Центар за јавно здравје. Лабораторијата во оваа здравствена установа од први месецов, кога и започна да функционира, реализирала дури 900 тестирања за коронавирусот. Повеќето од пациените се од Куманово, Крива Паланка, Кратово и Свети Николе.
„Можеме да направиме најмалку 300 тестови, ако има потреба може да се вклучи и втората смена. Матичните лекари имаат од 40 до 50 слободни термини, можат нашите сограѓани преку упат од матичен лекар да се пријават кај нас. Приватните пациенти не мора да дојдат со закажан термин“, вели директорот на ЦЈЗ Куманово, Ариф Љатифи.
Од оваа здравствена установа дополнуваат дека граѓаните за тестирањата доаѓаат на закажани термини од „Мој термин“, по епидемиолошки индикации. Но, значајна е бројката на лица кои патуваат во странство, па тестот им е задолжителен.
„Имаме граѓани од соседна Србија, Косово, Бугарија, тука поминаа Украина, Холандија, Белгија, Германија скоро сите европски држави, жители кои се на патување или во Македонија, лесно е бргу се даваат резултати и веќе пружаме услови за граѓани од скоро цела Европа“, дополни д-р Дане Милошевски, началник на микробиолошка лабораторија ЦЈЗ Куманово.
Установата засега не планира да постави пункт за ковид тестови на граничниот премин Табановце. Но, до Комисијата за заразни болести веќе предложиле и чекаат одобрение да започне тестирањето за општата болница, како и останатите секундарни здравствени установи.
Елена Георгиевска
