Охрид

МПЦ поддржува органодарителство под одредени услови

23.06.2021 16:18

Македонската православна црква го подржува органодарителството, но укажува дека не смее да се дозволи комерцијализација и создавање на предуслови за трговија со човечки органи. Од националното здружение „Храбро срце“ се благодарни на подршката бидеќи во нашата земја има дваесет пациенти кои што очекуваат трансплантација на срце од кои шестнаесет се на механичка подршка...

На барање на Националното здружение „Храбро срце“, МПЦ за прв пат излезе со јасен став околу органодарителството. Црквата ја разбира и подржува благородната иницијатива за трансплантација на органи за пружање на помош на многу болни лица кои без тоа би биле осудени на неизбежна смрт или пак тежок инвалидитет. Сепак подршката е условена бидеќи несовесното пропагирање на донаторството на органи може да подржи комерцијализација и создавање на предуслови за трговија со човечки органи.

„Органите на човечкото тело не смеат да станат објекти за купување и продавање. Пресадувањето од жив донор може да биде само по слободно изразена воља, односно врз основа на доброволна жртва за ближниот. Потенцијалниот донор мора да биде известен за сите последици по неговото здравје од експлантација на орган. Затоа морално е недопустлива експлантација која го загрозува животот на донор. Оттука е неприфатливо скратувањето на животот на еден човек , како и прекинувањето на постапката која го одржува во живот, а заради продолжувањето на живот на друг човек“, изјави презвитер Бобан Митевски.

Што се однесува до посмртното донаторство црквата смета го смета за пројава на љубов кон ближниот , но сепак ваквото дарување или заветување не смее да биде обврска туку израз на слободно искажана воља, за што треба да се побара од блиските информација за неговите ставови. Од „Храбро срце“ велат дека условите на црквата се поклопуваат со законските обврски што придонесоа од лани нивниот сон да стане реалност.

„Има 4 трансплантации на срце, сите се во добра општа состојба. Првите се веќе пуштени дома, другите закрепнуваат. Тоа значи 100 процентна успешност на македонските доктори во таа сфера од здравството“, вели Васко Јолакоски- претседател на Национално здружение „Храбро срце“.

Инаку ставот кој што го изгради МПЦ по ова прашање се совпаѓа со оние кои што се прифатени од Вселенската патријаршија и Руската православна црква.

 

Сашо Нелоски