Иванов ја стартува кампањата од Велгошти

24.03.2014 17:11

Иванов, ја почна изборната кампања за претседателските избори токму од охридското село Велгошти и како што рече местото на кое се создаде првата чета на македонската револуционерна организација, место каде овој народ знае за победи...

Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов, ја почна изборната кампања за претседателските избори токму од охридското село Велгошти и како што рече местото на кое се создаде првата чета на македонската револуционерна организација, место каде овој народ знае за победи. Многу проекти беа започнати тука, но и уште многу треба во иднина да се направат. Европа во Македонија и Македонија во Европа, држава и економија кои создаваат нови работни места, Македонија дом во кој се гради благосостојба за сите.

„Зошто од Велгошти, па во Велгошти е првата чета на македонската револуционерна организација, во Велгошти е првата заклетва во манастирот св.Петка каде ќе се борат за слобода за Македонија. Тука е големиот Живко Чинго. Додека борците се бореа со оружје, тој со она што го создаваше и неговото пишување ја ослободуваше Македонија. Ги чуваме сите тие спомени и затоа од Велгошти почнуваме, почнуваме во уште една победа“, рече Иванов.

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во своето прво претставување говореше за  државното единство, не прифаќање на промени на Уставот со цел промена на името, владеење на правото, отворена надворешна политика кон сите, продолжување на напорите за интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО, како и унапредување на економијата и образованието. Меѓудругото, Иванов во својот говор ги потенцираше и трите програмски цели со кои најави програма на континуитет и доследност во ставовите на државните интереси, со нова енергија и перспективи за Македонија.

„Секој пат сум бил со Вас и секој пат сум бил со граѓаните и сум сакал да знам што мислат тие. Секој пат сум бил меѓу луѓето за да слушнам што ги тишти и покажавме дека секој пат кога работиме како тим, заедно со премиерот, министрите и пратениците, советниците и градоначалниците промените се видливи и се што граѓаните ни забележале во работата се е постигнато. Како резултат на тоа е и оваа сала, реновирано е и училиштето, започна да се гради водоводот и сите работи кои сте ги укажале како граѓани, кога тимот е посветен знае да ги исполни сите тие барања. Но најважно од се е тоа што Македонија на секој чекор се гради, Македонија напредува“, нагласи Иванов.

Во текот на денот пртседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ  Ѓорге Иванов оствари средба и со граѓаните на општина Дебарца пред кои изнесе дел од својата изборна програма.

 

Јованчо Наумоски