Климатските промени предизвикуваат проблеми
Климатските промени предизвикуваат проблеми во сите земји низ светот. Погодени се, не само жителите на големите градови, туку и земјоделството...

Пет минути до дванаесет за спас на планетата земја. Имаме ли време да ги санираме раните што забрзаната индустријализација и ги нанесе на нашата планета. Научниците одамна издадоа црвена тревога за опасност од климатските промени. Земјата забрзано ја губи ледената покривка. Овој феномен стана алармантен во последните две децении, откако истражувањата покажаа дека земјата загубила околу 30 милиони тони мраз.
Брзината на топењето на сантите мраз е најголема на Грендланд и на Антартикот. Неодамна и НАСА предупреди дека земјата апсорбира двојно повеќе топлина отколку во 2005-та година. Разорните последици од климатските промени веќе можеме да ги почуствуваме и на сопствена кожа. Невообичено топло време регистрирано во Русија, земјата позната по долгите студени зими и кратките лета. За жителите топлата клима – вистинска сензација.
„Сум била 20-тина пати во Санкт Петербург, ова не го очекував, донесов две јакни со мене.“
„Ние сме од Сибир, добро ја толерираме температурата, уживаме во топлината.“
Топлотен бран со енормно висока температура и на Балканот. Во Србија вклучен портокаловиот аларм. Живата во термометарот се искачи над 40-от степен.
„Која е температурата на асфалтот? - Не прашувајте, 180 степени и одозгора 30. Како се поднесува тоа?- Тешко но што да се прави.“
„Како се разладувате?- Никако, малку сок малку вода.“
И покрај топлото време, земјоделците продолжуваат со жнеењето, плашејќи се по жегата, ќе следува невреме со голема бура.
„Мора да се собере родот, после вакво време најчесто доаѓаат некои непогоди, нешто што нам не ни одговара по напорниот труд и работа.“
На едниот крај од земјата пожари и суши, на другиот поплави, поројни дождови, силни ветришта. Климатските промени потполно ќе го преобликуваат животот на планетата и тоа многу порано пред очекуваното, дури и ако успееме да ја намалиме емисијата на стакленички гасови.
Француската новинска агенција објави делови од нацрт- извештајот за клима на Обединетите нации. Се предвидуваат колапс на екосистемот, пораст на морињата и невообичаено висока температура поради кои нема да може да се живее нормално. Според извештајот, сево ова ќе го доживеат денес родените деца, кога ќе наполнат 30 години.
Маја Стојанова
