Професори бараат оставка од в.д. директорот на средното уметничко училиште
Револтирани од односот на в.д. директорот, професори од средното уметничко училиште повторно на протест. Пред Министерството за образование ги повикаа надлежните институции да го разрешат директорот Фидановски, и да се стави крај, на како што велат, мобингот, заканите, кршењето на законот за работни односи, а дополнително велат, јавниот превоз за учениците го организира без тендер. Професорите бараат надлежните институции да постапат по поднесените претставки и кривични пријави…

Закани, притисоци, приемен испит на празник, организирање транспорт за ученици без тендер-ова се дел од причините поради кои мнозинството професори од државното средното уметничко училиште повторно излегоа на протест. Пред Министерството за образование побараа директорот Фидановски да поднесе оставка или надлежните институции да го разрешат. Поднеле и кривични пријави и претставки со кои бараат смена на директорот од функцијата, на која како што велат, бил незаконски назначен.
Професорите се жалат дека проблемите одат на штета на квалитетот на училиштето. Како што рекоа, вработените се под огромен притисок и постојана закана и се деградирани.
Директорот Фидановски ниту ги демантира ниту потврдува тврдењата на неговите вработени.
МТВ успеа да го контактира в.д. директорот на средното уметничко училиште, Филип Фидановски. За сите случувања во ова училиште тој рече дека нема коментар.
Ова е втор протест на професорите од државното средно уметничко училиште.
Викторија Милевска
