Изборите ќе ги следат над 2.000 домашни и над 300 странски набљудувачи

24.03.2014 17:23

Претставницина граѓанската асоцијација МОСТ ќе бидат разместени насекаде низ Македонија. Ќе има статични набљудувачи и мобилни тимови...

Над 2.000 домашни и над 300 странски набљудувачи будно ќе ги следат претстојните претседателски и предвремените парламентарни избори. Ќе се следи кампањата, изборниот ден односно самото гласање како и пребројувањето на гласовите. Претставницина граѓанската асоцијација МОСТ ќе бидат разместени насекаде низ Македонија. Ќе има статични набљудувачи и мобилни тимови.

„Граѓанската асоцијација МОСТ покрај денот на гласање го следи целиот изборен процес, од самиот почеток на изборниот процес па се до завршувањето, како и процесот на жалби и поплаки. Регионалните координатори на мост веќе се на терен и од денеска ќе започнат да ја следат и претседателската кампања“, вели Теодора Поповска од МОСТ.  

ОБСЕ – ОДИХР  со повеќе од 300 луѓе ќе ги набљудува престојните двојни избори. Клучниот тим е составен од 11-мина експерти од областа на правото, изборите, политиката, медиумите. Наредниве денови треба да им се приклучат уште 20-мина долгорочни набљудувачи кои ќе го следат процесот низ целата земја. Нешто подоцна ќе пристигнат и краткорочните набљудувачи кои што ќе го следат гласањето, пребројувањето и табелирањето на гласовите во земјава.Осум недели од завршување на изборниот процес, ОДИХР ќе излезе со финален извештај и препораки за новите власти.

Од ДИК информираа дека до моментов се уште нема акредитирано странски новинарски екипи кои ќе ги следат изборите. Според искуствата од претходните циклуси се очекува известувачи да се пријават подоцна.

 

Лидија Чакар