Најголемиот дел од охридските плажи небезбедни за капачите
Без спасители на вода плажите на Охридското Езеро кои во минатото беа издавани под концесија, а со кои сега располага локалната самоуправа ќе бидат небезбедни за капачите. Од Спасителната служба при охридскиот Црвен крст, велат дека имале неформални контакти со градоначалникот, меѓутоа барем засега не е договорена соработка. Тоа значи дека на најголемиот број од плажите ќе треба да биде поставена табла на која ќе пишува дека не се безбедни за капачите…

Капачката сезона на охридското крајбрежје започна, а безбедноста на капачите барем засега се гарантира само на две плажи. Над 90 проценти од плажите немаат концесионери и со нив сега располага локалната самоуправа која сè уште не побарала ангажман од спасителната служба на вода што значи дека најголемиот број од плажите не се безбедни за капачите. Состојба е алармантна пред почетокот на главната туристичка сезона ако се знае дека пред формирањето на спасителната служба во 2005-тата годишно во просек имало по 10-тина давеници.
„Може да нема концесионери како што кажав, доколку не се создадат услови безбедни да се користат тие капалишта на нив ќе се постават соодветни табли дека тие плажи не се безбедни и дека оние коишто ги користат ги користат на сопствен ризик“, изјави Сашо Точков- претседател на Црвен крст Охрид.
„Интервенции има секоја година. Значи имаме од 20 до 30 активни давеници, се случувало по еден, два пасивни давеници. Јас сум имал 2-3 интервенции досега во мојата досегашна спасителска кариера“, вели Мартин Лечоски- спасител на вода.
Дополнителен проблем пред сезоната се отвори со отстранувањето на платформите на плажите бидејќи досега никој не извршил контрола дали целосно се отстранети металните конструкции под вода.
„Значи тие плажи се од стартот небезбедни и сега заради тие набиени метални шипки коишто не знаеме како се отстранети, дали се отстранети потполно. Значи потребна е целосна, детална инспекција и анализа на сите тие капалишта каде што се отстранија платформите за да може таа плажа да се пушти за користење“, додава Точков.
Од Црвениот крст посочуваат дека доколку општинските власти сакаат Охрид да има безбедни плажи треба да обезбедат финансиски средства за спасители на вода, обележување на плажите и дополнителни реквизити, бидејќи локалната самоуправа моментално располага со најатрактивните плажи кои се издаваа под концесија.
Сашо Нелоски
