ВМРО-ДПМНЕ

Славески: Поскапувањето на горивата е кризен данок

24.06.2021 14:31

Станува збор за една несоодветна и штетна мерка, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, воведувањето на дополнителна давачка на горивата ќе ги зголемени цените, што негативно ќе влијае на стандардот на граѓаните.

Поскапувањето на горивата не е еколошка такса, туку кризен данок. Станува збор за една несоодветна и штетна мерка, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, воведувањето на дополнителна давачка на горивата ќе ги зголемени цените, што негативно ќе влијае на стандардот на граѓаните.

„Ова значи дека не треба да очекуваме некој позначителен ефект од оваа нова давачка врз однесувањето на граѓаните. Мерката ќе има претежно фискален ефект на зголемување на приходите во буџетот. Таа нема никаква врска со екологија и заштита на животната средина, туку претставува само друго име за кризен данок. А познато е дека кризните даноци, по правило, се воведуваат по завршувањето на одредена кризна ситуација, а не во ек на самата криза, за да не ја продлабочат дополнително постојната криза. Во моментов речиси секаде во светот се забележуваат високи стапки на инфлација. И во Република Македонија се соочуваме со највисоки стапки на пораст на трошоците за живот во последните десетина години“, изјави Трајко Славески од ВМРО- ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжува со обиди да ја манипулира јавноста за воведувањето еколошка такса за горивата, со намера да создаде страв кај граѓаните и да ја поттикне нивната недоверба во институциите.

Според партијата, и со дополнителната еколошка такса од 3,5 денари, нафтата ќе биде најевтина во регионот. Со новата мерка нема да се зголеми инфлацијата, туку ќе се зголемат буџетските приходи и еколошкиот фонд, со што ќе се промовира користењето на обновливите извори на енергија, велат Социјалдемократите.